Преговарачки поглавја
Поглавјето 3.13 Рибарство ја регулира областа на рибарството, но земајќи го предвид фактот дека Република Северна Македонија не излегува на море, голем дел од европското законодавство не е применливо. Законодавството за рибарство се состои од прописи со чија имплементација ќе се подготват администрацијата и операторите за учество во заедничката риболовна политика, која опфаќа пазарна политика, управување со ресурси и флота, инспекција и контрола, структурни активности и контрола на државната помош. Прилагодувањето кон Заедничката риболовна политика на Европската Унија вклучува примена на разни технички мерки и воспоставување на соодветен систем за инспекција, надзор и контрола, систем за справување со нелегален, непријавен и нерегулиран риболов, како и механизми за кофинансирање.
Целта е да се обезбеди поголема контрола и одржливост на рибните и водните ресурси, полесен пласман на европскиот пазар, искористување на средства од Европскиот поморски фонд и фонд за рибарство од страна на рибарите и преработувачите на риби, како и заштита на загрозени видови риби.