Слободен пристап до информации
„иматели на информации“ се органите на државната власт, други установи и институции утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и на општините во градот Скопје, јавните установи и служби, јавните претпријатија и правни и физички лица кои вршат јавни овластувања и дејност од јавен интерес утврдени со закон;
„информација од јавен карактер“ е информација во која било форма која ја создал и со која располага имателот на информацијата, односно со неа располага само имателот на информацијата, согласно со неговите надлежности (во натамошниот текст: информација);
„барател на информација“ е секое правно и физичко лице без дискриминација по која било основа, на начин и под услови утврдени со овој и друг закон (во натамошниот текст:барател) и
„документ“ е секој запис на информација без оглед на нејзината физичка форма или карактеристики, пишан или печатен текст, карти, шеми, фотографии, слики, цртежи, скици, работни материјали, како и звучни, гласовни, магнетски или електронски, оптички или видеоснимки во која било форма, како и пренослива опрема за автоматска обработка на податоци со вградени или преносливи мемории за складирање на податоците во дигитална форма.
Должности на имателите на информации
Листа на информации – имателите на информации се должни редовно да ја водат и ажурираат листата на информации со кои тие располагаат и да ги објавуваат на начин достапен до јавноста.
Посредување на информации – во член 10 се опфатени сите информации за кои имателот е должен да ја информира јавноста.
Во овој дел се опфатени и оние технички аспекти, во однос на тоа што одговорните лица кај имателите на информации од јавен карактер се должни да обезбедат простории за увид во бараните информации.
Службените лица се должни да им укажуваат помош при барањето на информациите.
Секој имател на информации за посредување определува едно или повеќе службени лица при остварувањето на правото на слободен пристап до информации. Имателот на информации е должен да обезбеди информирање на јавноста за службеното лице за посредување со информации.
Службеното лице за посредување со информации стапува во контакт со барателот, ги дава потребните информации и му помага на барателот на информации за што води посебна евиденција за примањето на барања за информации, чувањето и давањето на информациите.
Повеќе иматели на информации можат заедно да определат едно или повеќе службени лица за посредување при остварувањето на правото на слободен пристап до информации.