Новости
понеделник, 18 април 2016 10:52
Денес, 14.4.2016 година, Државниот секретар во СЕП, Ана Блажеска оствари средба со амбасадорот на Република Романија во Република Македонија, Н.Е. Јустинијан Фокша.
На средбата се разговараа можностите за меѓусебна соработка во повеќе области со акцент на пренесување на искуства и знаења на техничко и експертско ниво во делот на преговори со ЕУ.
Истакнато беше дека билатералните односи помеѓу двете земји се на добро ниво, но постои простор за зголемена меѓусебна соработка во насока на поддршка во процесот на евроинтеграцијата на Република Македонија.
Романија како една од последните земји кои влегоа во Европската Унија може да обезбеди потребни знаења и искуства кои би помогнале во процесот на преговори. Нивните искуства можат да дадат додадена вредност на нашите заложби за поскорешно започнување на преговорите за членство и нивно брзо затворање.
Потенцирано беше дека двете земји имаат потпишано билатерален договор за поддршка на процесот на интеграции и беа разгледани можностите за взаемна соработка. Исто така, амбасадорот потенцираше дека Република Македонија и институциите на државата водат добра грижа за влашкото малцинство во Република Македонија со кое Романија има блиски врски.
На крајот беше констатирано дека двете земји треба да продолжат да ги развиваат можностите за меѓусебна поддршка во процесот на интеграции како и низ институциите на ЕУ.