Новости
четврток, 14 април 2016 16:15
Државниот Секретар во СЕП, Ана Блажеска на 13.4.2016 г. (среда) одржа работна средба со директорот на Канцеларијата на Генералниот директорат за програми на Совет на Европа, Верена Тејлор.
На средбата беше потенцирана важноста на заедничкиот договор помеѓу Европската Унија и Советот на Европа за Хоризонтална програма за Западен Балкан и Турција, кој е прв од ваков вид. Преку овој договор ќе се реализираат низа активности и мерки во три области: Обезбедување на правдата, борба против корупцијата и промоција на анти-дискриминација и заштита на правата на ранливите групи.
Преку оваа Хоризонтална програма која е планирано да трае три години, ќе биде ставена на располагање техничката и правна експертиза од Совет на Европа. Ова претставува позитивен пример за заедничка соработка во обезбедување на поддршка во насока на совладување на предизвиците за земјите од Западен Балкан и Турција во областите на владеење на правото, демократијата и човековите права.
Беше нагласено дека оваа програма беше дискутирана на полугодишните консултации на експертите од СЕП во рамките на циклусот на консултации на повеќе земји а пред усвојувањето од страна на Европската Комисија.
Исто така, овој тригодишен план беше дискутиран со сите релевантни институции во Република Македонија. Дел од активностите кои се предвидуваат се активности кои се поврзани со реализација на претходни проекти од Совет на Европа поддржани од ИПА. Овие проекти се тесно поврзани со неколку области од Итните реформски приоритети и краткорочните приоритети од Извештајот за напредок на Република Македонија од Европската Комисија за 2015 година.