Новости
четврток, 14 април 2016 13:36
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Арбр Адеми денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Холандија г. В. Вутер Пломп.
За време на средбата вицепремиерот Адеми накусо информираше за неговото учество на неформалниот министерски состанок на Советот за општи работи во Амстердам. Вицепремиерот Адеми и амбасадорот Пломп, исто така, се осврнаа на актуелните политички случувања во земјата, особено од последните денови, при што беше истакната важноста во наредниот период да се преземат чекори во насока на исполнување на обврските од Политичкиот договор и обезбедување на услови за спроведување на демократски и кредибилни избори.
Соговорниците се осврнаа и на спроведувањето на обврските кои произлегуваат од Итните реформски приоритети и се согласија дека е потребно и во наредниот период да се задржи фокусот на овие активности кои се клучни за европската перспектива на земјата.
Адеми и Пломп разменија мислење и за предизвиците и активностите за справување со мигрантската криза при што се осврнаа и на состојбата и неодамнешните инциденти на македонско -грчката граница.
Вицепремиерот Адеми во текот на разговорот истакна дека пријателската соработка помеѓу двете земји не само што треба да продолжи туку треба и да се продлабочи. Тој воедно се заблагодари и за досегашната принципиелна поддршка на Кралството Холандија, вклучително и за време на претседавањето со ЕУ, нагласувајќи дека кризата со мигрантите и бегалците покажува колку е значајно сите земји од Западен Балкан да бидат интегрирани во ЕУ што поскоро.