Новости
Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, д-р Фатмир Бесими денес оствари средба со висока делегација од Велика Британија , предводена од министерот за Европа на Велика Британија, H.E. г-дин Дејвид Лидингтон. Во придружба на делегацијата беше и британскиот амбасадор во Република Македонија, Н.Е. г-дин. Чарлс Гарет како и претставници од британското министерство за надворешни работи.
Двете страни истакнаа дека соработката меѓу Република Македонија и Велика Британија се карактеризира со отворен и конструктивен дијалог и со континуирано продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес. Посебен акцент се стави на поддршката во однос на напорите за интеграција на земјата во ЕУ особено во делот на реформа на јавната администрација, како и стратешкото партнерство со Велика Британија, со надеж на плодна соработка во иднина.
Бесими потенцираше дека Евро-атлантската интеграција останува клучен стратешки приоритет за нашата држава и граѓаните на Република Македонија. На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба во земјата како и статусот на реформите и активностите кои се преземаат во однос на реализацијата на итните реформски приоритети.
Во однос на справувањето со мигрантската криза, Бесими истакна дека Македонија го поддржува координираниот и сеопфатен пристап на Европа во управувањето со мигрантската криза. Во таа насока вицепремиерот Бесими се заблагодари на поддршката на Велика Британија на нашата земја во однос на справувањето со мигрантската криза.