Новости
среда, 24 февруари 2016 14:34
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г-дин Фатмир Бесими, денес, 24 февруари 2016, оствари работна посета на Република Италија и се сретна со министерот за надворешни работи г-дин Паоло Гентилони.
На средбата беше истакната поддршката на Република Италија во процесот на евроатлантската интеграција на Македонија, каде што се потенцираше ставот на Италија дека процесот на проширување на ЕУ нема да биде комплетен без сите земји од Западен Балкан.
На средбата се дискутираше и за актуелната политичка состојба во земјата. Бесими ја истакна важноста на користење на следниот период за исполнување на сите потребни предуслови за организирање на фер и демократски избори, согласно меѓународните стандарди.
Во однос на обврските на земјата во евроинтегративниот процес, Бесими информираше за реализацијата на Итните реформски приоритети кои се особено значајни имајќи предвид дека по одржувањето на изборите, земјата ќе добие уште еден Извештај од Европската комисија врз основа на што ќе се одреди понатамошната перспектива на Македонија.
Во однос на мигрантската криза, соговорниците истакнаа дека важно е да има усогласена и ефективна политика во рамките на сите земји на ЕУ, солидарноста во справувањето со кризата при што Македонија ќе продожи да биде конструктивен партнер во целиот процес.
Во таа насока, Бесими изрази благодарност за финасиската помош за Република Македонија во справувањето со мигрантската криза во висина од 340,000 евра како и за поддршката за спречување на поплави преку ИПА Регионалната Програма за Спречување, подготвеност и реакција на поплавите во Западен Балкан и Турција.
За време на посетата, Вицепремиерот Бесими се сретна и со Претседателот на Собраниската Комисија за европски и надворешни работи, г-дин Фабрицио Чикито.