Новости
вторник, 09 февруари 2016 13:29
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Белгија г-ѓа Аник Ван Калстер со седиште во Софија.
На средбата вицепремиерот Бесими се заблагодари за поддршката која што Република Македонија ја добива од страна на Белгија во процесот за евроатлантска интеграција на нашата земја и регионот.
Во текот на разговорот посебно беа истакнати активностите кои се преземаат за спроведување на клучните реформи од европската агенда на земјата, со посебен фокус на делот на независноста на судството, изборните реформи, добрососедските односи, слободата на изразување и медиумите и имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, а посебно беше истакната и важноста на исполнувањето на обврските од политичкиот договор.
На крајот на средбата беше истакнато дека соработката во сите области од взаемен интерес со фокус на билатералните односи ќе продолжи и понатаму со поголем интензитет.