Новости
петок, 15 јануари 2016 13:53
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Холандија во нашата земја, г. В. Вутер Пломп.
На средбата Бесими упати честитки за преземањето на претседателството на ЕУ од страна на Кралството Холандија, посакувајќи успешно спроведување на програмата и силна поддршка на процесот на проширување на ЕУ. Вицепремиерот изрази задоволство од досегашната соработка со земјата, која очекува да продолжи и во текот на нејзиното претседателство во ЕУ.
Во текот на разговорот посебно беа истакнати и итните приоритети во процесот на пристапување кон Европската унија, утврдени и со Пристапниот дијалог на високо ниво, како што се: слободата на изразување и медиумите, судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, добрососедските односи, регионалната соработка и зголемување на економскиот раст и вработувањето.
Вицепремиерот Бесими ја потенцираше и улогата на Македонија по рутата по која се движат мигрантите и заложбата на земјата за партнерска соработка со ЕУ при справувањето со мигрантската криза. Токму кризата со мигрантите и бегалците покажува колку е значајно сите земји од Западен Балкан да бидат интегрирани во ЕУ што поскоро.
На крајот од средбата Вицепремиерот Бесими и амбасадорот Ваутер Пломп истакнаа дека соработката помеѓу Република Македонија и Кралството Холандија ќе продолжи и во претстојниот период, со силна поддршка за успешно спроведување на реформите.