Новости
петок, 25 декември 2015 16:27
Скопје, 25 декември 2015 (МИА) - Итните реформски приоритети кои се во надлежност на Министерството за правда во делот на правосудството, борбата против корупцијата и слободата на изразување, се темите на дискусија на денешната средба меѓу вицепремиерот Фатмир Бесими и министерот за правда Аднан Јашари.
Средбата е дел од иницијативата „Институционални посети“ на Секретаријатот за европски прашања.
- Целта на ваквите посети е покрај редовното следење на неделна основа да имаме тематски средби со институциите по областите како што стои во итните реформски приоритети, рече Бесими.
Во фокусот на средбата, како што додаде, ќе бидат независноста на судството, борба против корупцијата и криминалот, како и останатите теми од оваа област кои се дефнирани во итните реформски приоритети.
На средбата, како што посочи министерот Јашари, ќе стане збор за мерките што Министерството за правда како координатор во Поглавјето 23 ги презема во однос на нивната имплементација, а кои произлегуваат од Акцискиот план за реформски приоритети.
Министерот за правда ќе информира и за следните чекори кои треба да се преземат со фокус на забелешките што произлегуваат од последниот извештај на Европската комисија. дма/са/15:14