Новости
среда, 09 декември 2015 15:20
Спроведувањето проекти финансирани од ИПА фондовите на ЕУ придонесува како во постигнувањето на европските стандарди во клучните области на општеството, така и во напредокот на земјите од Западен Балкан кон членството во ЕУ. Ова беше заклучено на регионалната конференција „Резултати во користењето претпристапна поддршка на ЕУ – ИПА 2007–2013“ што се одржа вчера во Будва во организација на црногорското Министерство за надворешни работи и европска интеграција.
На овој состанокот на земјите од Западен Балкан им беа презентирани постигнатите резултати во програмскиот период 2007–2013 и беше дискутирано за плановите во врска со финансиската перспектива 2014-2020.
Во своето излагање Блажеска ги наведе научените лекции од користењето ИПА 2007–2013, особено во делот на користењето на децентрализираниот систем на користење на помошта, подготовките за користење ИПА 2014–2020 во делот на административниот капацитет, организациската поставеност и процесот на програмирање.
Во делот на научените лекции, посебно внимание беше посветено на поделбата на улогите и задолженијата, реализирањето обуки за зајакнување на институционалниот капацитет, квалитетот на тендерските документи како и самооценувањето на ИПА структурите, што НИПАК го организираа оваа година по третпат, и се очекува да се дефинираат сите потреби на овој дел од администрацијата за поддршка во понатамошното функционирање.
Во рамките на четирите панел дискусии беа разменети искуства во користењето на средствата од ИПА I и ИПА II , исто така беа презентира резултатите во компонентите кои се однесуваат на поддршка за транзиција и институционална надградба, регионален развој и развој на човечки ресурси и прекуграничната соработка.
На конференцијата беше истакнато дека преку ИПА I, Европската комисија за периодот 2007–2013 година обезбедила финансиски средства во износ од 11,5 милијарди евра за земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ. Овие средства се користат за спроведување на реформите во насока на усогласување со стандардите на ЕУ и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните преку понатамошно зајакнување на демократските институции, владеењето на правото, реформата на јавната администрација, економските реформи, почитувањето на човековите и малцинските права, промовирање на родовата еднаквост, зајакнување на граѓанското општество, промовирање на регионалната соработка, постигнување одржлив развој и намалување на сиромаштијата. Корисници на средства беа министерствата и органите на државната управа, локалната самоуправа, јавните институции, организациите на граѓанското општество, додека крајни корисници се државјаните на земјите од Западен Балкан и Турција. Реазлизираните проекти придонесоа за градење и јакнење на капацитетите на институциите, ги зајакнаа добрососедските односи и овозможија регионален и економски развој на земјите кориснички на ИПА.