Новости
вторник, 19 мај 2015 17:09
Секретаријатот за европски прашања со цел да ги промовира дебатата и дискусијата како демократски начини за надминување на разликите во мислењата и изнаоѓање на решенија, како и да го зголеми интересот и знаењето на младите лица за прашања и теми поврзани со ЕУ, поддржувајки ги европските начела на инклузивност, солидарност и транспарентност, денес го промовираше дебатниот натпреварувачки циклус насловен како ЕУ Ѕвезди.
На промотивниот настан на тема Европската Унија треба да се прошири за да ги вклучи и земјите од Западен Балкан дебатираа дебатни тимови составени од по тројца студенти од Универзитетот Св.Кирил и Методиј – Скопје , кои дебатираа за и студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа, кои ќе дебатираа против.
Во своето воведно обраќање Вицепремиерот Бесими порача дека токму дијалогот и дебатата се тоа што ни треба за нашата демократија и за нашата иднина! Тој им порача на студентите дека преку јасноста на нивната визија да ја зголемат будноста, со јачината на аргументите да се изборат за поддршка и со моќта на нивната пасија да ги освојат срцата на нивните следбеници.
Евроамбасадорот Орав истакна дека ваквите дебати допринесуваат кон поголема толеранција, толеранцијата подразбира повеќе демократија, а повеќе демократија значи повеќе мир.
Динамичноста на Европа е во нејзината подготвеност и отвореност да прими нови членки кои дополнително ќе ја збогатат културолошката разновидност која е најгоолемото богатство на Европа, беше истакнато од страна на на првонаведениот тим кој беше одреден да дебатира за темата.
Од страна на тимот кој дебатираше против зададената тема беше истакнато дека државите од Западен Балкан пред се треба да се фокусираат на решавање своите внатрешни проблеми па потоа кога ќе бидат подготвени ќе бидат добредојдени во Европската Унија.
Дебатата ги следеше Карл Поперовите правила на дебатирање, кои јасно ги распределуваат улогите на секој од учесниците на дебатата и овозможуваат интерактивна дебата, исто така го охрабруваат критичното мислење и инклузивноста.
Дебатниот циклус ќе биде со времетраење од една година, во која се предвидени 6 дебати од страна на дебатни клубови од повеќе Универзитети во државата.