Новости
петок, 30 јануари 2015 15:01
Државниот секретар за европски прашања Ана Блажеска заедно со Амбасадорот на Унгарија Јожеф Бенце денеска во Скопје учествуваа на примопредавањето на донацијата од унгарската Влада на Центарот за обука при Секретаријатот за европски прашања, а по повод одбележувањето 20 години од воспоставувањето дипломатски односи со Република Македонија.
Покрај Македонија, унгарската надворешна политика и нејзините напори денес се насочени кон целиот балкански регион каде го поддржуваме проширувањето на ЕУ засновано на европските критериуми, порача амбасадорот Бенце.
Тој подвлече дека денешната донацијата е проект, кој е дел од унгарските големи напори да ги доближат Европа и Македонија поблиску една до друга и посебно да придонесат кон јакнење на капацитетите на администрацијата.
Државниот секретар при Секретаријатот за европски прашања, Ана Блажеска, која заедно со амбасадорот Бенце открија табла со која се одбележува јубилејот и донацијата, се заблагодари за донацијата и ја подвлече долгогодишната континуирана поддршка на Унгарија на македонските евроинтеграции.
Уверена сум дека оваа помош ќе претставува начин да се зголемат позитивните резултати кои ги постигнува Република Македонија во насока на поуспешно и побрзо вклучување во европското семејство. Дополнително, низ годините РМ постојано покажува успех во подготовката на сопствените капацитети за членство во ЕУ, хармонизацијата со европското законодавство како и управувањето со европските фондови. Почетокот на преговорите за нас ќе има позитивно влијание врз реформскиот моментум кога станува збор за македонското општество, ќе го поттикне приближувањето на земјата кон ЕУ и ќе го зајакне кредибилитетот на ЕУ во однос на политиката на проширување, рече Блажеска.
Таа подвлече дека за Македонија ќе има голема придобивка од унгарското знаење и експертиза за подготовка на проекти и програми во насока на усогласување со европското законодавство и користење на европките фондови.
Донацијата се состои во компјутери наменети за потребите на Центарот за обука на Секретаријатот за европски прашања.