Новости
среда, 17 декември 2014 11:26
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска (17.12.2014) се обрати на Иницијалниот состанок (Kick off meeting) Програма за реформи во вработувањето и социјалната сфера.
Иницијалниот настан за започнување на социјално-економскиот дијалог меѓу Република Македонија и Европската Унија, претставува поддршка на политиките за инклузивен раст во земјите во процесот на пристапување во Европската Унија, во согласност со целите од Европа 2020.
Во своето обраќање, вицепремиерот Бесими истакна дека Република Македонија континуирано презема активности во насока на подобрување на економскиот раст. Како резултат на тоа земјата постигна подобрување од 10 места и беше рангирана на 63-то место во Извештајот за глобална конкурентност 2014-2015 објавен од страна на Светскиот економски форум. Ова е второ последователно подобрување на конкурентноста на македонската економија. Минатата година рангирањето на земјата е подобрено за 7 позиции. Оваа година, за прв пат македонската економија го подобри својот ранг во сите 12 столба кои го сочинуваат индексот.
Тој истакна дека Европската перспектива на Република Македонија е клучниот генератор на реформите и чинител за постоењето на колективен ентузијазам за овој процес, каде што Владата на Република Македонија посветено работи на справување со предизвиците кои бараат сеопфатен пристап.
Програмата за реформи во вработувањето и социјалната сфера ќе придонесе за севкупниот дијалог во рамки на Поглавјето 3.19 "Социјална политика и вработување", а воедно ќе биде поддршка за усогласувањето со законодавството на ЕУ во оваа област. Истовремено, ќе помогне полесно да се следи напредокот во оваа сфера, поврзувајќи ги приоритетите за користење на претпристапната финансиска помош на ЕУ (ИПА фондови), како и стратешка соработка со други донатори во Македонија.
На крајот, Бесими истакна дека во овој процес како и до сега потребно е сите заедно да работиме на постигнување успех во реформите, со што ќе се постигне раст и нови работни места за македонските граѓани, а во исто време и остварување на целите поставени од ЕУ како целина.