Новости
четврток, 11 декември 2014 21:00
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими, денеска во Брисел имаше прва официјална средба со Федерика Могерини, Висок претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика и Заменик-претседател на Европската Комисија.
Бесими честитајќи и ја новата функција, на Могерини и посака успешно спроведување на зацртаните цели за време на нејзиниот мандат продолжување на добрата соработка која би можела да придонесе во напредокот на Македонија и нејзиното приближување кон Унијата. Бесими потенцираше дека Владата напорно работи на спроведувањето на зацртаните реформи и деталните насоки од последниот Извештај на Европската Комисија. Во врска со Извештајот, вицепремиерот Бесими истакна дека истиот го смета за објективен и дека од клучна важност за Република Македонија е добивањето на шестата препорака за започнување на преговорите за членство во Европската Унија. Тој, меѓу другото ја информираше Могерини и за последните активности на Владата на Република Македонија во насока на подобрување на состојбите во приоритетните области, вклучително и во регионален контекст. Тој додаде дека Владата има спремено Нацрт-акциски план со краткорочни и среднорочни активности базирани на наодите од Извештајот на ЕК, со што Владата ја докажува заложба за реализација на клучниот стреатешки приоритет на Република Македонија, а тоа е пристапувањето во ЕУ.
Вицепремиерот Бесими се осврна и на потребата за задржување на динамиката на реформскиот процес. Бидејќи Македонија веќе долг период чека да добие датум за започнување на преговорите со ЕУ, од клучно значење е да се задржи темпото и да нема застој во реформсиот процес, па затоа реактивирањето на Пристапниот диалог на високо ниво претставува механизам кој ќе го задржи позитивниот дух како кај институциите на Република Македонија кои се директно вклучени во реформскиот процес така и кај граѓаните на Република Макеоднија. Тој позитивно ја истакна најавената посета за јануари следната година на Комесарот Хан на Македонија и упати покана и до ВП Могерини и за нејзина посета на Македонија.
На состанокот беше истакнато дека проширувањето на ЕУ во Западен Балкан останува на фокусот на агендата на Европската Унија и Европската Комисија, иако не се очекува нова земја членка во наредните пет години. Тие очекуваат Република Македонија да ја оддржи ЕУ агендата во приоритет и исто така очекуваат конкретен напредов во спорот за името.
На состанокот беше побарано вклучување на ЕУ да помогне во решението за името како и изнаоѓање на начин за отварање на поглаваја 23 и 24.