Новости
среда, 26 ноември 2014 15:23
Денеска, во Стразбур се одржа 12-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија на кој учествуваше Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими.
За време на неговата посета во Стразбур вицепремиерот Бесими оствари средба и со Генералниот секретар на Советот на Европа, Торборн Јагланд со кого разговараа за значењето на поддршката на земјите членки на ЕУ во процесот на спроведувањето на реформите во земјите од Западен Балкан, со цел што побрзо приклучување на овие земји во Европска Унија.
Вицепремиерот Бесими во своето обраќање на Мешовитиот парламентарен комитет МК/ЕУ им честиташе на европарламентарците за изборите и им посака успешна работа во нивниот мандат потенцирајќи дека политиката за проширување е од клучно значење како за Република Македонија така и за Европска унија и дека процесот на обединување на европскиот континент нема да биде завршен се додека не се интегрираат и земјите од Западен Балкан, a од заеднички интерес е успешно да се заврши овој процес.
Во оваа прилика Бесими ги информираше членовите на мешовитиот парламент за реформите во Република Македонија, степенот на реализација на Агендата на ЕУ на нашата земја и конкретните постигнати резултати. Тој потенцираше дека добивањето на шестата препорака за почеток на преговорите на Република Македонија за членство во Европска Унија е од битно значење за продолжување на реформскиот процес во нашата земја. Извештајот од Европската комисија за напредокот на Македонија за 2014 година беше детално разгледан, рече Бесими, а наодите од извештајот се опфаќаат во Националната програма за усвојувањето на правото на ЕУ - НПАА која ќе се финализира до крајот на оваа година а согласно наодите од Извештајот на ЕК се одредуваат краткорочните и среднорочните приоритети на реформскиот процес.
Со цел на обезбедување на инклузивност и транспарентност, во програмирањето на НПАА, вицепремиерот Бесими истакна дека Секретаријатот за европски прашања организираше средби со претставници на судството, академската заедница, граѓанскиот сектор, медиумите, бизнис заедницата кои беа поканети да ги достават нивните предлози за НПАА. Многу од нив одговорија на повикот со нивни предлози што се однесуваат на областа на владеењето на правото, правосудството, слободата на изразување и социјалната политика. Воедно Бесими истакна дека Владата веќе има усвоено Нацрт акциски план со конкретни активности кои се фокусираат на приоритетните области како што се: судството, слободата на изразување и медиумите, меѓуетничките односи, реформите во јавната администрација, препораките на ОБСЕ / ОДИХР, добрососедските односи и регионалната соработка.
За време на неговиот престој, Бесими имаше исто така и интензивни средби со пратеници од Европскиот парламент како што се Алојз Петерле претседавач на мешовитиот комитет, Иво Вајгел, европратеник и известувач за Република Макеоднија, Ричард Ховит, Јозо Радош, Моникиа Маковеи, и тн, со кои разговараше за посветеноста на нашата земја во спроведувањето на реформите како и за значењето на партнерскиот однос меѓу Република Македонија и Европска Унија кој е од исклучителна важност, а воедно потенцираше дека Република Македонија е земја која најдолго во регионот ја спроведува европската агенда и дека според постигнатите резултати Македонија веќе е спремна за започнување на преговорите за членство во ЕУ.