Новости
четврток, 20 ноември 2014 14:10
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Фатмир Бесими, денес оствари работна средба со претставници од Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Македонија и претставници од Стопанската комора на северозападна Македонија. Главна тема на дискусија на средбата беше Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2014 година и Стратегијата за проширување со акцент на економските критериуми во Извештајот.
На средбата присутните разговараа за мерките за подобрување на конкурентноста на македонската економија преку обезбедување на правна сигурност, доквалификување на работната сила, согласно потребите на пазарот на трудот, поттикнување на иновации и подобрување на фискалната дисциплина и транспарентност.
Вицепремиерот истакна дека потврда за поволната бизнис клима во Република Македонија се Есенските економски прогнози за 2014 година на Европската комисија според кои проектираниот раст на БДП за Република Македонија изнесува 3,3% за 2014 г., 3,4 во 2015 и 3,6% во 2016 година, што не рангира на првото место во регионот и второто место во Европа.
Дополнително, истакнати беа и рангирањата во релевантните меѓународни извештаи од областа на конкурентноста. Според Извештајот Doing Business на Светската Банка, Република Македонија беше рангирана на 30 место во 2015 ,со што нашата земја беше највисоко рангирана во регионот на Западен Балкан. Исто така, Македонија забележа подобрување од 10 позиции и се рангираше на 63-тата позиција во Извештајот за Глобална Конкурентност за 2014-2015 година.
Во вториот дел од дискусијата фокусот беше ставен на ИПА 2 , каде за разлика од ИПА 1 беше истакнато спроведувањето на широк процес на консултација со различни заинтересирани страни меѓу кои и бизнис заедницата, што вроди со инкорпорирање на нивни предлози во Националниот стратешки документ за ИПА 2. Беа истакнати можностите кои ги нудат Програмите на Унијата Хоризонт 2020 и КОСМЕ, како и новоформираниот инструмент Western Balkans Enterprise Development & Innovation Facility (WB EDIF), преку кој околу 300 милиони евра ќе бидат достапни за компаниите во регионот.
Со цел подобра информираност и искористување на средствата од Европските инструменти за финансиска поддршка, на иницијатива на Вицепремиерот Бесими беше договорено одржување на јавни презентации и работилници во соработка со надлежните државни институции, претставници на Делегацијата на Европската Унија во Скопје како и претставници од стопанските комори.