Новости
петок, 07 ноември 2014 10:45
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими, денеска оствари средба со новиот шпански амбасадор во Република Македонија, Н.Е. Рамон Абароа Каранза.
На почетокот на средбата вицепремиерот Бесими му честиташе на амбасадорот за новата функција, посакувајќи му успешна работа во неговиот мандат и воедно се заблагодари за поддршката која Република Македонија ја добива во континуитет од Кралството Шпанија.
На средбата се разговараше за процесот на европска интеграција на Република Македонија, беа дискутирани клучните постигнувања и предизвици со кои се соочува земјата нотирани во октомврискиот Извештај на Европската комисија, како и сите активности кои Владата на Република Македонија и Секретаријатот за европски прашања ги превземаа во насока на надминување на предизвиците и постигнување на дополнителен напредок до декемврискиот Совет на ЕУ, при што од страна на Вицепремиерот Бесими беше истакнато дека тргнувајки од фактот дека европската интеграција останува стратешки приоритет за нашата држава и граѓаните на Република Македонија, сите органи на државната управа во координација со Секретаријатот за европски прашања работат напорно во насока на подобрување на реформскиот процес, кој пред се е од интерес на нашите граѓани.
Заменик Претседателот Бесими истакна дека на Шпанија гледаме како на добредојден партнер со високи потенцијали за развој на билатералната соработка, јакнење на административните капацитети за искористување на ИПА и поддршка во процесот на приближување кон ЕУ.
Во изминатиот период Шпанија учествуваше во четири твининг проекти , значителна е нејзината контрибуција во хидросистемот Лисиче, подршката за информациска и коминикациска технологија наменета за Општините, како и обуките преку ТАЕКС.
Шпанскиот амбасадор Каранза, истакна дека Кралството Шпанија силно се залага за проширување на Европската унија и ќе продолжи да ја подржува Република Македонија на овој пат, вклучително и преку конкретни билатерални проекти за развојна и секторска соработка.
Двајцата соговорници истакнаа дека добрите билатерални односи и размената на искуства помеѓу администрацијата и останатите заинтересирани страни меѓу Република Македонија и Кралството Шпанија и понатаму ќе продолжат, исто така ќе се работи и на продлабочување на понатамошната соработка во приоритетните реформски области.