Новости
вторник, 02 септември 2014 13:49
Во пресрет на есенскиот Извештај од Европската комисија, а во рамки на ЕУ Агендата 2014 на Секретаријатот за европски прашања, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими, во придружба на секторите задолжени за ИПА и евроинтеграциии, оствари работна посета на Министерството за внатрешни работи (МВР) каде се сретна со министерката Гордана Јанкуловска и претставници од ова министерството.
На средбата се разговараше за статусот на реализација на реформите во областа на внатрешни работи со посебен акцент на Поглавјето 3.24 Правда, слобода и безбедност, кои се од клучно значење за евроинтеграцискиот процес на земјата. Се дискутираше и за активностите предвидени со Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА).
Вицепремиерот Бесими и министерката Јанкуловска за време на состанокот се осврнаа на напорите за реформа на полицијата, усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ во делот на политиките за азил, миграција и надворешни граници. Исто така, разговараа и за активностите за борба против организиран криминал, спречување на трговија со луѓе, во кој домен Република Македонија и во најновиот Извештај на Стејт Департментот е рангирана во групата ТИЕР 1 – држави кои што целосно ги исполнуваат стандардите за борба против трговијата со луѓе, во рамки на истото континуирано функционира и СОС телефонската линија, при што од јануари оваа година 135 лица се обратиле со цел да добијат информации, емоционална и психо-социјална поддршка и асистенција. Во рамките на борба против трговија со дрога продолжуваат успесите на домашно и регионално ниво, усвоена е Национална стратегија, во првите шест месеци од 2014 година МВР и Царинската Управа на Република Македонија запленија: 100 кг 197 г марихуана, 11 кг 535 грама хероин, 274 г кокаин, 96 тбл метамфетамин, 1 кг 36г амфетамин, 151 тбл екстази, 66 парчиња ЛСД.
На средбата се разговараше и за степенот на искористеноста на средства кои стојат на располагање преку Инструментот за предпристапна помош – ИПА, а кои се клучни за реализација на реформите во полицијата. Во рамки на ИПА 1 во период од 2007 до 2013 година подготвени се вкупно 8 проекти во вкупен износ од 38,3 милиони евра. Средствата се наменети за реконструкција на полициски станици, модернизација на полициските едниници на локално и регионално ниво, унапредување на почитувањето на човековите права во затворите и др.
Бесими истакна дека Министерството за внатрешни работи е едно од институциите што успешно ги искористуваат европските фондови, кои се наменети првично за подобрување на животот на граѓаните во Република Македонија, а воедно се и од клучно значење за приближување на земјата кон Европската унија преку вложување во социо-економскиот развој како и усогласување на законодавството со ЕУ.
Серијата работни посети “ЕУ - ИПА Институционална Координација" на Вицепремиерот Бесими ќе продолжи со сите институции корисници на ИПА фондови и имплементатори на НПАА, со цел непосредно информирање за сите аспекти од користењето на ИПА, имајќи ги предвид прашањата на програмирање, техничко спроведување, мониторинг, известување, исполнување на предуслови за успешно спроведување на проектите/програмите, како и аспекти на системот на управување, институционален и административен капацитет, почитување на процедурите за користење на овие средства, функционирање на координативни механизми, како и разгледување на статусот на реализација на активностите предвидени во НПАА.