Новости
петок, 29 август 2014 14:35
Во пресрет на есенскиот Извештај од Европската комисија, заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими, во придружба на секторите задолжени за ИПА и евроинтеграциии, оствари работна посета на Министерството за правда каде се сретнаа со министерот Аднан Јашари и претставници од ова министерството.
На средбата се разговараше за статусот на реализација на реформите во областа на правосудството а кои се од клучно значење за евроинтеграцискиот процес на земјата и се дел од активностите предвидени со Националната Програма за Усвојување на Правото на Европската Унија (НПАА) и Акцискиот План за пристапување на Република Македонија во Европската унија.
Вицепремиерот Бесими и министерот Јашари за време на состанокот посебен акцент ставија на напорите за спроведување на реформите со цел понатамошно унапредување на ефикасноста и независноста на судскиот систем особено преку примена на новите критериуми за именување и разрешување на судии и јавни обвинители како и унапредување на квалитетот на судските постапки. Исто така се разговараше и за јакнењето на институционалните капацитети, зајакнувањето на активностите за борба против корупцијата и организираниот криминал, слободата на изразување и медиуми, измените на изборното законодавство, итн.
На средбата се разговараше и за степенот на искористеноста на средства кои стојат на располагање преку Инструментот за предпристапна помош – ИПА, а кои се клучни за реализација на реформите во судскиот систем. Во рамки на ИПА 1 во период од 2007 до 2013 година подготвени се вкупно 15 проекти во вкупен износ од околу 17 милиони евра. Крајни корисници на овие средства освен Министерството за правда се и Управниот суд, Академијата за судии и јавни обвинители, Судскиот совет на Република Македонија, Советот на Јавните обвинители на РМ, Управата за извршување на санкции, Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавните обвинителства и сите други правосудни институции.
Серијата работни посети “ЕУ - ИПА Институционална Координација" на Вицепремиерот Бесими ќе продолжи со сите институции корисници на ИПА фондови и имплементатори на НПАА, со цел непосредно информирање за сите аспекти од користењето на ИПА, имајќи ги предвид прашањата на програмирање, техничко спроведување, мониторинг, известување, исполнување на предуслови за успешно спроведување на проектите/програмите, како и аспекти на системот на управување, институционален и административен капацитет, почитување на процедурите за користење на овие средства, функционирање на координативни механизми, како и разгледување на статусот на реализација на активностите предвидени во НПАА.