Новости
среда, 04 јуни 2014 15:34
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими и амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија Н.Е. Јозеф Бенце, денеска потпишаа Меморандум за разбирање за конзистентна помош од страна на Унгарија наменета за поддршка на евроинтегративните процеси на Македонија.
Со овој Меморандум Секретаријатот за европски прашања и Република Унгарија ќе учествуваат во заедничката програма наречена „Идни партнери во ЕУ“ која предвидува специјални обуки со цел зајакнување на истражувачките и аналитички капацитети на вработените во државните институции во Република Македонија.
Целта е да се создадат капацитети за вршење на оддржливи анализи и истражувања кои ќе произлезат од Секретаријатот за европски прашања, а ќе бидат искористени од страна на Владата и владините институции.
“Оваа подршка го прикажува интересот на Унгарија да ги подржи нашите интеграциски напори и е во линија за приоритетите на нивното претседавање со Вишеградската Група 2014 за промовирање на Европската интеграција на земјите на Западен Балкан и да им помага во нивните подготовки за членсто во ЕУ”- изјави Бесими во неговото обраќање.
Вицепремиерот Бесими осврнувајќи се на пријателските односи меѓу двете земји, ја поздрави иницијативата за проектот „Идни партнери во ЕУ“ и додаде дека ова е една од многуте поддршки што Македонија ги добива од земји членки на ЕУ. Бесими додаде дека ваквите обуки ќе придонесат кон зајакнување на кадровските капацитети на Секретаријатот за европски прашања како и на други институции во земјата, а исто така ќе имаат позитивно влијание во реализацијата на реформите наведени во Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија.
Унгарскиот амбасадор во Македонија Н.Е. г-дин Јозеф Бенце, во своето обраќање нагласи дека за постигнување на успех, секогаш треба да се работи во партнерство и дека реализацијата на оваа програма претставува дел од нивните напори за приближување на Европа кон Македонија.
Вицепремиерот Бесими и амбасадорот Бенце им се заблагодарија на сите учесници во заедничката програма на проектот, а воедно им посакаа успех во зацртаните цели.
Во реализација на овој проект исто така се вклучени и Агенцијата за меѓународен развој на САД (USAID) и Националниот демократски институт за меѓународни работи (NDI).