Новости
вторник, 03 јуни 2014 15:11
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денес (вторник, 3 јуни 2014) учествуваше на тркалезната маса на тема “Европската Перспектива на Западен Балкан по изборите на Европскиот Парламент” која се организираше од Секретаријатот за Европски Прашања и Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
На тркалезната маса учествуваа и познати академци, професори и интелектуалци од Македонија од областа на Евро-интеграциите, каде што имаа можност заеднички да дискутираат и да ги анализираат резултатите од изборите за Европскиот парламент и нивното влијание на расположението на владите и граѓаните од земјите членки на ЕУ.
Заменик претседателот Бесими ја отвори дебататa цитирајќи го еден од основачите на Европската Унија, Жан Моне “Кога се наоѓате во една бура, единствениот начин да излезете од бурата е да останете верни на вашиот правец. Единствена работа која не ја менувате, е вашиот правец.” што значи дека и покрај предизвиците ЕУ агендата останува заедничка цел на регионот и ЕУ.
На дебатата се дискутираше дека иако евро-скептиците за прв пат добија повеќе пратенички места во Европскиот Парламент од претходните избори, сепак мнозинството од пратеничките места им припаѓаат на про-европските и неутралните партии на Европа што значи и подршка за проширувањето на ЕУ.
“Овој мандат ќе биде мандат на “Повнимателна Европа” во однос на проширувањето на ЕУ бидејќи критиките ќе бидат многу погласни околу исполнувањето на критериумите од страна на земјите кандидатки за членство во Унијата” изјави Бесими како одговор на прашањето дали сега ќе има “повеќе” или “помалку” Европа во однос на нејзиното расположение за понатамошно проширување.
На дебатата воглавно се истакна дека изборите во Европскиот парламент го покажуваат расположението и ставовите на Европејците за начинот на кој што функционира ЕУ, политиките кои се носат и спроведуваат на европско ниво како и начинот на кој што европските лидери се справуваа со предизвиците особено со последиците од економската криза која ја зафати Европа во изминатиот период.
"Очекуваме проширувањето на ЕУ да биде во агендата на следниот Европски Парламент. Европската интеграција останува најдобрата алтернатива за Западниот Балкан и ние сметаме дека истото е од интерес и на ЕУ. Продолжуваме со нашите заложби за нашата Европска иднина.” – изјави вицепремиерот на тркалезната маса.
Вицепремиерот Бесими ја истакна уште еднаш стратешката цел на Република Македонија која е спроведување на реформите и интегрирање на земјата во Европска Унија и НАТО. Меѓу другото тој истакна дека за нашиот регион и натаму европската перспектива останува генератор на позитивните демократски движења и на економскиот раст и развој.
“Идејата на ЕУ, како за Република Македонија така и за целиот регион, е идеја која обединува, која придонесе за мир и стабилност во регионот на Западен Балкан.” - со ова вицепремиерот Бесими ја заврши дебатата заблагодарувајќи им се на присутните за нивниот придонес на оваа тркалезна маса.