Новости
петок, 25 април 2014 11:05
Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Европската комисија денеска одржаа информативен состанок на тема „Промоција на регулативите на ИПА II (2014-2020)“, на која што на присутните им се обрати и заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими.
Вицепремиерот Бесими истакна дека во последните неколку месеци, се работеше на два паралелни процеси: имплементација на тековната ИПА и програмирање на ИПА II. Програмата опфаќа дефинирање на приоритетите за идните финансирања преку ИПА II, во Националниот стратешки документ на земјата. Тој нагласи дека иако овој документ е сопственост на Европската комисија, Владата вложува огромни напори за да допринесе во овој документ, преку постоечките работни групи и структури кои се веќе воспоставени за ИПА I. На состанокот присуствуваа околу 100 преставници од над 30 Министерства и институции корисници и потенцијални корисници на ИПА фондовите.
Експерти од службите на Европската комисија ги претставија сите значајни аспекти на ИПА II, информираа и разговараа со присутните за регулаторната рамка, видот и опфатот на помошта, процесот, методологијата и новата рамка на програмирање, видот на програми и финансирањето, процесот на имплементација и сите останати релевантни теми.
Поширокиот фокус на Европската комисија, за поддршката за периодот 2014-2020 година е ставен на социо-економскиот развој, владеењето на правото и добро владеење, со утврдување на следните приоритетни сектори за ИПА II :
Владеење на правото и фундаментални права (претходно правда и внатрешни работи); управување и демократија (претходно реформа на јавната администрација и интеграција во Европската унија); животна средина (претходно животна средина и климатски промени); транспорт; конкурентност и иновации (претходно дел од секторот вработување и конкурентност); образование, вработување и социјална политика (претходно дел од секторот вработување и конкурентност); земјоделство и рурален развој; преку-гранична соработка.
Вкупната висина на средства, кои ќе и бидат на располагање на Република Македонија со Инструментот за претпристапна помош II , изнесува приближно 600 милиони евра.
Преку целосна транспарентност и инклузивност на процесот на подготовка на ИПА II, Секретаријатот за европски прашања се труди да придонесе кон подготовка на државната администрација за подобро програмирање и искористување на ИПА II и структурните фондови, преку избор и реализација на проекти кои ќе бидат во функција на подобрување на животот на граѓаните, со што ќе ја оправдаме нашата одговорност за средствата кои ќе ни бидат дадени и ќе придонесеме кон поголема подготвеност за наредните структурни фондови на Европската унија кога Република Македонија ќе биде дел од неа.