Новости
вторник, 04 февруари 2014 14:09
Во рамките на билатералната соработка помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија, односно преку Федералното министерство за економска соработка и развој (БМЗ), а спроведена преку Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), на 3 февруари 2014 г. државниот секретар на Секретаријатот за европски прашања, г. Јован Андоновски, потпиша Меморандум за преземање на ТРАДОС софтверски систем.
Државниот секретар упати благодарност до донаторот и до раководителот на проектот на ГИЗ „Поддршка на Секретаријатот за европски прашања“, г. Михаел Самец, за безрезервната поддршка за градење на капацитетите за подготовка на националната верзија на acquis (правните акти на Европската унија).
Државниот секретар на Секретаријатот за европски прашања нагласи дека со оваа донација се остварија долгогодишните напори за воспоставување на солидна техничка основа за изработка на македонската верзија на правните акти на Европската унија кој е многу важен аспект на процесот на европска интеграција. Донираниот софтвер претставува најново и сеопфатно решение во однос на преведувањето, ревизијата и терминологијата во овој домен со што се остварени основните предуслови за обезбедување на конзистентност и квалитет на преведените правни акти на Европската унија.
Инсталацијата на овој софтверски систем е проследена со четиридневна обука на вработените во Секретаријатот за европски прашања и претставува само почетна активност во низата други активности предвидени со овој проект.
Покрај очекуваните долгорочни ефекти од примената на овој систем, Државниот секретар потсети дека во рамките на споменатиот проект ќе се реализираат активности за утврдување на терминологијата во клучните области во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво помеѓу Република Македонија и Европската унија со што ќе се даде квалитативен придонес и кон овој процес.