Новости
петок, 25 октомври 2013 08:47
Заменик Претседателот на Владата задолжен за Европски прашања, д-р Фатмир Бесими оствари средба со Високиот комесар за националните малцинства на ОБСЕ, г-ѓа Астрид Торс, која е на посета на Република Македонија.
На средбата ЗПВРМ Бесими информираше за тековната состојба и идните приоритети на Владата во однос на унапредувањето на малцинските права и меѓуетничкиот дијалог. Во таа насока, како приоритети кон кои ќе биде насочено вниманието во иднина беа посочени процесот на децентрализација, правичната застапеност, унапредување на употребата на јазиците, образованието, правата на ранливите групи со посебен фокус на ромската популација и активностите поврзани со меѓусебното почитување , интеграција и помирување меѓу заедниците.
“Процесот на Европска интеграција и меѓусебната интеграција на заедници се два поврзани процеси кои зависат еден од друг, а перспективата за членство во ЕУ е точка која ги зближува луѓето со различно етничко потекло во Република Македонија” – истакна ЗПВРМ Бесими на средбата со г-ѓа Торс, која се одржа на 24.10.2013 година во Секретаријатот за европски прашања.
На средбата Вицепремиерот Бесими информираше и за денешната средба на работниот комитет за Евро-Интеграции, каде лично им се заблагодари на сите релевантни институции за придонесот за последниот извештај, а воедно им побара поголем ангажман во наредниот период за исполнување на препораките од Извештајот.