Новости
четврток, 15 август 2013 15:43
Денес, во просториите на Министерството за животна средина и просторно планирање, заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за Европски прашања д-р Фатмир Бесими заедно со секторите задолжени за прашања од доменот на ИПА и ЕУ, одржа работен состанок со министерот за Животна Средина и просторно планирање г-дин Абдулаќим Адеми и претставници на Министерството за Животна Средина и Просторно Планирање, како дел од серијата “ЕУ – ИПА Институционална координација“.
Целта на состанокот беше размена на искуства за досегашното користење на ИПА фондовите во секторот на животна средина, предизвиците во реализацијата на проектите/програмите, плановите за користење на идната ИПА во периодот 2014-2020 година, како и разгледување на активностите за подобрување на успешноста, ефикасноста и ефективноста во користењето на ИПА.
На средбата посебен акцент се стави на разгледувањето на статусот на реализација на активностите од Националната Програма за Усвојување на Правото на Европската Унија (НПАА) и Акцискиот План за пристапување на Република Македонија во Европската Унија.
Ова Министерство е едно од најголемите корисници на средства од две ИПА компоненти за транзициска помош и институционално зајакнување и регионален развој, најмногу заради големите инвестиции потребни за достигнување на европските стандарди во сите под области на заштита на животната средина како што се: третман на отпадни води, управување со цврст отпад, заштита на природата и водата, квалитет на воздух, контрола на бучава, постигнување на одржлив развој, управување со климатски промени итн.
Серијата работни посети “ЕУ - ИПА Институционална Координација" заменик претседателот Бесими ќе продолжи да ги реализира во наредниот период со сите институции корисници на ИПА фондови и имплементатори на НПАА, а нивна цел е непосредно информирање за сите аспекти од користењето на ИПА, имајќи ги предвид прашањата на програмирање, техничко спроведување, мониторинг, известување, исполнување на предуслови за успешно спроведување на проектите/програмите, како и аспекти на системот на управување, институционален и административен капацитет, почитување на процедурите за користење на овие средства, функционирање на координативни механизми, како и разгледување на статусот на реализација на активностите предвидени во НПАА .