Новости
среда, 16 октомври 2024 07:11
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска имаше средба со неризидентниот амбасадор на Република Финска во Република Северна Македонија, со седиште во Белград, Никлас Линдквист. На средбата се разговараше за билатералните односи меѓу двете земји, соработката во рамките на ЕУ и НАТО, како и за регионалната и меѓународната соработка.
Министерот Муртезани се заблагодари за принципиелната финска поддршка за политиката на проширување со Европската Унија, особено во контекст на поддршката за Северна Македонија. Тој ја нагласи важноста на досегашната соработка меѓу двете земји, особено во рамките на НАТО, каде што двете земји се сојузнички и активно придонесуваат кон безбедноста и стабилноста на евроатлантскиот простор.
Муртезани и Линдквист ја реафирмираа заемната подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералните односи, посебно во делот на поддршката од Финска за реформите во јавната администрација, владеењето на правото и зајакнувањето на институционалните капацитети на Северна Македонија. Тие разговараа и за улогата на Финска која е дел од неформалната група „Пријатели на Македонија“ во Советот на ЕУ, со која активно промовира зближување меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Тие ја нагласија важноста на оваа група во поддршката на интеграцијата на Северна Македонија и продолжувањето на процесот на проширување, посебно во контекст на Планот за раст на ЕК за Западен Балкан.
Министерот и Амбасадорот констатираа дека постојат дополнителни можности за продлабочување на економската соработка и инвестициите, како и за реализација на заеднички проекти, посебно во рамките на Твининг програмата на Европската Унија. Финска досега учествуваше во повеќе твининг проекти, со кои значително се зајакнати капацитетите за управување со животната средина, пред сè во однос на квалитетот на воздухот, а дополнително е обезбедена поддршка за подготовка на Северна Македонија за управување со Европскиот социјален фонд.