Новости
четврток, 10 октомври 2024 12:05
Заменик министерката за европски прашања, доц.д-р Викторија Трајков, утрово во Битола ја отвори последната од циклусот конференции за ,,Младинско Вработување: Развој на претприемачки и дигитални вештини за иднината“, финансирани преку средства од Европската Унија.
ЗМЕП Трајков ја истакна потребата од активно вклучување на сите чинители во развојот на претприемачките вештини и додаде: ,,Еден од главните фокуси на новата Влада е дигитализација на општеството и ние сме цврсто решени овој процес да успее. Со поглед кон 2030 година, анализирзирајќи ги постулатите на дигитализацијата на сите владини услуги целта ќе ни биде борба против корупцијата, подобрени и достапни услуги за граѓаните во целата држава и со тоа младите ќе ја вратат довербата во системот. Дигитализацијата е важен процес на кој што сите ние треба што повеќе фокусирано да работиме!”
Проектот Е-YOUTH се фокусира на подобрување на вработливоста на младите, особено на оние со помалку можности, преку развој на нивните претприемачки и дигитални вештини.
Во текот на 14 месеци, проектот соработуваше со партнери од Северна Македонија, Италија, Турција и Словенија за спроведување на неформални образовни активности и активности за градење капацитети на младински организации.
Целта на проектот е да поттикне соработка, да ги зајакне компетенциите на младите и да придонесе кон имплементација на Европската стратегија за млади.
Проектот е финансиран од програмата Еразмус+ од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.