Новости
петок, 06 септември 2024 04:10
Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, работната посета на Брисел ја заокружи со средба со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Стефано Санино, на која беа разменети мислења за европската перспектива и состојбите во регионот.
На завршната средба од дводневната посета, министерот Муртезани покрена неколку клучни прашања од суштинско значење за европското досие на Северна Македонија и зајакнувањето на нејзината усогласеност со стандардите и политиките на ЕУ.
Тој изрази благодарност за финансиската поддршка од Европскиот мировен фонд (EPF) во износ од 13 милиони евра, која ќе помогне во модернизација на одбранбените капацитети на земјата и ќе ги зајакне нејзините придонеси кон безбедносните иницијативи на ЕУ. Исто така, беше нагласена важноста да се искористи обновениот момент за динамизирање на процесот на проширување на ЕУ во актуелниот геополитички контекст, како проект кој ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и просперитетот на земјите од Западниот Балкан.
Министерот ја подвлече важноста од претстојното склучување на Партнерство меѓу Северна Македонија и ЕУ во одбраната и безбедноста - една од првите земји што ќе потпише ваков документ.
Санино ја поздрави целосната усогласеност на Северна Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ (CFSP), што ја рефлектира стратешката европска ориентација и почитување на основните принципи и вредности на надворешната политика на Унијата.