Новости
четврток, 01 август 2024 08:59
Министерот за европски работи, Орхан Муртезани, денеска оствари протоколарна средба со амбасадорката на Шведска во Северна Македонија, Ами Ларсон Џеин, на која беше разгледана тековната развојна соработка и потенцијалите за продлабочување на билатералните односи.
Муртезани се заблагодари за клучната улога на Кралството Шведска во поддршката при остварувањето на реформите и целите поврзани со зачленувањето во Европската Унија. Тој подвлече дека Шведска редовно ја демонстрира таа поддршка преку исклучително значајната билатерална помош, што е единствен од ваков вид директна финансиска помош од земја-членка на Унијата. Ваквата посветеност се согледува и во новата стратегија на Шведска за реформска соработка со земјите од Западниот Балкан за периодот 2021-2027, а се фокусира на напредокот во делот на човековите права, демократското управување, одржливиот развој и инклузивниот економски раст.
Џеин и Муртезани разговараа и за имплементацијата на проектот „Поддршката на Северна Македонија за пристапувањето во ЕУ“, финансиран преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА), со кој се обезбедува континуитет на претходната поддршка од Шведска и Норвешка, а кој значително го подобри механизмот за координација на ЕУ, помагајќи ги реформските напори насочени кон усогласување со европските стандарди, вредности и acquis.