Новости
четврток, 01 август 2024 12:00
Денес, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, имаше средба со амбасадорот на Унгарија во Северна Македонија, Андраш Клеин, на која се дискутираше за јакнењето на билатералните односи и напредокот на процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија.
Муртезани упати честитки за преземањето на претседателството на Унгарија со Советот на ЕУ и изрази надеж дека унгарското претседавање ќе донесе напредок во пристапните преговори на Северна Македонија, истакнувајќи дека Министерството за европски прашања е целосно посветено на оваа стратешка цел за членство во Унијата. Тој ја нагласи подготвеноста на земјата за тесна и успешна соработка како со новата Европска комисија, така и со Унгарското претседателство. Во тој контекст, министерот Муртезани се заблагодари за упатената покана од унгарска страна за негова посета на Будимпешта, за време на нивното претседавање и заедно со амбасадорот Клеин ги разгледаа можностите за нејзина реализација.
Соговорниците разговараа и за важноста на регионалната соработка, истакнувајќи дека Вишеградската група во која Унгарија е членка, претставува одличен модел за споделување на добри практики и помош во имплементацијата на ЕУ стандардите. Се разговараше и за потенцијалната соработка во различни области, како и за активностите кои можат да придонесат за забрзување на процесот на интеграција.