Новости
понеделник, 10 јуни 2024 08:31
Првиот заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања вечерва учествуваше на отворањето на Македонскиот енергетски форум МЕФ 2024 кој оваа година се оддржува по 7ми пат.
Вечерашната воведна сесија на форумот со наслов ,,Декодирање на деценијата" беше посветена на значењето на Берлинскиот процес во однос на регионалната соработка , енергетската криза и транзицијата кон обновливи енергии.
Во своето обраќање Вицепремиерот Маричиќ се осврна на важноста на Берлинскиот процес со што значително се зголемила соработката на државите од Западен Балкан и регионот.
"10-годишнината од Берлинскиот процес треба да ни даде поттик да вложиме повеќе труд и да работиме подобро во следните години, до постигнување на конечната цел за членство на земјите од Западен Балкан во ЕУ, особено во овој геополитички моментум."
Маричиќ во своето обраќање ја нагласи важноста за поврзувањето на регионот во соработка со Европската Унија и креирањето на енергетските политики и развој на инфраструктурата со цел развој на државата и регионот.
Маричиќ во продолжение ја истакна важноста на Планот за раст и мерките кои се превземаат со Планот за раст, каде што голем дел од реформите се насочени кон решавање на предизвиците со енергијата на регионот на Западен Балкан.
,,За прв пат имаме точно определени мерки, поврзани со финансиски механизам за поддршка од Европската Унија кои ќе придонесат за развој на државата и решавање на предизвиците со енергијата, таа можност треба да се искористи со што ќе се создаде стратегија за развој на енергијата.
За крај Маричиќ истакна дека инфраструктурните проекти се поврзани со енергетски проекти, посочувајќи ја важноста на инвестициите потребни на институциите во процесот на реформи.
,,Помошта за време на енергетската криза од Европската Унија беше незаменлива. Соработката на регионот преку Берлинскиот процес во решавање на предизвиците со енергијата кои се фокус на регионот и Европа е клучна за стабилност и просперитет на државата.
На Македонскиот енергетски форум МЕФ 2024 во организација на невладината организација ЗИП институт во соработка со Делегацијата на Европската Унија во државата учество земаа германската амбасадорка Петра Дрекслер и сите релевантни учесници на Берлинскиот процес за соработка на регионот.