Новости
петок, 15 март 2024 03:33
Секретаријатот за европски прашања во соработка со GIZ Регионален проект за европска интеграција организираше Работилница за научени лекции од спроведување на ИПА во земјата од 13-15 март 2024 година во Струга.
На работилницата земаа учество претставници од секретаријатот на Националниот ИПА координатор при Секретаријатот за европски прашања, како и претставници од Министерството за финансии (сектор за Сектор за управување со средствата од ЕУ - ИПА и Сектор за централно финансирање и склучување на договори), секторите за ИПА при Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски и Министерството за труд и социјална политика, како и од јавните претпријатија за државни патишта и Македонски железници инфраструктура.
Целта на работилницата беше да се споделат научените лекции од досегашното спроведување на ИПА, но и да се договорат активности за наредниот период кои треба да го подобрат функционирањето на ИПА структурата, користењето на ИПА средствата, зајакнувањето на капацитетите на ИПА структурата и подобрување на меѓусебната координација и комуникација.
ИПА структурата останува посветена на спроведување на ИПА и во наредниот период во насока на поддршка на процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ, преку воведување на стандарди и добри практики од земјите членки на ЕУ и во примена на правилата за финансиско управување и контрола.