Новости
понеделник, 27 ноември 2023 11:11
Во Брисел денеска започна билатералниот скрининг за Поглавјето 12, „ Безбедност на храна, ветерина и фитосанитарна политика “ дел од Кластер 5 „Ресурси, земјоделство и кохезија“.
Ова поглавје опфаќа детални правила и мерки од областа на безбедноста на храната, воспоставување правила за заштита на потрошувачите, хигиена и презентација на прехранбените производи, контроли и механизми за гарантирање на безбедноста на храната итн. Исто така тоа вклучува и аспекти на хигиена поврзани со преработката и пласирањето на пазарот на прехранбени производи, особено храна од животинско потекло. Аcquis-то во ова поглавје ја регулира и трговијата во Унијата на живи животни и производи од животинско потекло, контролата на болестите на животните и други аспекти поврзани со здравјето и благосостојбата на животните. Во областа на заштитата на растенијата, acquis-то за ова поглавје воспоставува сеопфатни правила во врска со контролата на штетните организми за растенијата и растителните производи, употребата на пасошот на растенијата во трговијата со растенија наменети за садење, процедурите за одобрување производи за заштита на растенијата, мерките за карантин, остатоци од пестициди кои се користат за растително производство, маркетинг и квалификација на семиња и садници.
Во нејзиното воведно обраќање пред Европската комисија, заменик главниот преговарач со ЕУ и државана секретарка во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Дрита Абдиу-Халили, наведе дека се работи за исклучително важно поглавје кое е сочинето од голем број на обрзувачки правила и мерки, и нивната соодветна и ефективна апликација е од големо значење за целокупниот процес на преговори за членство на нашата држава во ЕУ.
„Ова поглавје има директно влијание врз здравјето на граѓаните, безбедноста на храната како и здравјето на животните. Во изминатиот период, како држава, сме работеле интензивно на транспонирање на релевантното Acquis во нашето национално законодавство, како и на зајакнување на напите административни и оперативни капацитети “ – рече меѓу другото Абдиу Халили.
Државната делегација за Поглавје 12 ја предводи Заменик галвниот преговарач со ЕУ Дрита Абдиу Халили а институција носител за ова поглавје е Агенцијата за храна и ветерина. Исто така дел од работната група за ова поглавје се: Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, Фитосанитарна управа, Државен инспекторат за земјоделство, Управа за семе и саден материјал, Министерство за животна средина и просторно планирање како и Секретаријатот за Европски прашања.
Северна Македонија со билатералните скрининг состаноци за поглавјата 30 и 31 предвидени да се одржат на 6 и 7 декември оваа година, а кои се дел од последниот Кластер 6 – Надворешни односи, целосно го заокружува скринингот со Европската Комисија.