Новости
четврток, 19 октомври 2023 12:29
Денес во Брисел завршува тридневниот билатерален скрининг за Поглавје 11: Земјоделство и рурален развој, дел од Кластер 5 - Ресурси, земјоделство и кохезија.
Во текот на овие денови, македонската делегација пред експертите на Европската комисија реализираше над 40 презентации во врска со постојната законска рамка во областа на земјоделството и руралниот развој, интервенциите на земјоделскиот пазар, системите за контрола на квалитетот на земјоделските производи, трговските механизми, спроведување на анти-кризните мерки како и многу други аспекти кои го регулираат пласманот на земјоделските производи во нашата земја.
Нашата делегација ја предводи државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменик главен преговарач со ЕУ, Дрита Халили, а делегацијата ја сочинуваат над 40 претставници од повеќе државни институции кои се дел од работната група за ова поглавје, и тоа: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државната комисија за спречување на корупцијата како и Секретаријатот за европски прашања.
При завршниот говор пред претставниците на Европската комисија, таа истакна дека усогласувањето и имплементацијата на стандардите на ЕУ за ова поглавје значи повеќе можности за нашите земјоделци како и развој на модерно и конкурентно земјоделство на единствениот европски пазар.
Утре, 20 октомври, започнува билатералниот скрининг за поглавјето 33 – Финансиски и буџетски одредби, исто така дел од Кластер 5 – Ресурси, земјоделство и кохезија.