Новости
понеделник, 16 октомври 2023 11:02
Денеска во Брисел започна 3 дневниот билатерален скрининг за Поглавје 11, „Земјоделство и рурален развој“, кој е дел од Кластерот 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“. Поглавјето 11 опфаќа голем број обврзувачки правила, кои во најголем дел се директно применливи. Правилната примена на овие правила и нивното ефективно спроведување и контрола од страна на ефикасна јавна администрација се неопходни за функционирање на заедничката земјоделска политика (ЗЗП).
Пред експертите на Европската комисија од Генералниот директорат за Земјоделие и рурален развој како и Дирекцијата за добрососедство и проширување, заменик главниот преговарач со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Дрита Абдиу Халили изрази благодарност до Европската Комисија за досегашната поддршка во развој на македонското земјоделие и рурален развој, нагласувајќи дека Северна Македонија е лидер во регионот што се однесува до искористувањето на фондовите од ИПАРД програмата.
„Горди сме што го потпишавме Финансискиот договор за Програмата ИПАРД 3 на почетокот на октомври. Покрај тоа, реализацијата на ИПАРД 2 Програмата е над 98%. Ова ни дава поттик и надеж дека ќе имаме 100% реализација на ИПАРД 3 Програмата, бидејќи првиот јавен повик е веќе објавен, со што Северна Македонија ќе биде првата земја во регионот која ќе започне со спроведувањето на новиот ИПАРД програмски период“, рече во нејзиното воведно излагање Абдиу-Халили.
Дел од македонската делегација е и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанстопанство Љупчо Николовски, кој пред претставниците на Европската Комисија ги претстави најновите законски решенија, постоечката законска рамка, институционалните капацитети како и можностите и предизвиците со кои се соочува македонското земјоделие и руралниот развој. Освен Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое е институција носител за ова поглавје, македонската делегација ја сочинуваат и претставници од: Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Државниот земјоделски инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство, Државна комисија за спречување на корупцијата како и на Секретаријатот за европски прашања.
Утре и задутре продолжува билатералниот скрининг за Поглавје 11, на кој ќе се презентира каков напредок имаме постигнато и што правиме за зајакнување на земјоделскиот пазар во нашата држава.
Република Северна Македонија во изминатиот период работеше на транспозиција на релевантното ЕУ законодавство, како и во зајакнување на административните и оперативни капацитети. Усвоена е националната стратегија за земјоделство и рурален развој 2021-2027 година. Стратегијата е во согласност со Заедничката земјоделска политика на ЕУ 2023 -2027.