Новости
четврток, 05 октомври 2023 01:54
Денеска во Брисел започна билатералниот скрининг за Поглавје 22, „Регионална политика и координација на структурните инструменти“, кое е дел од Кластерот 5, „Ресурси, земјоделство и кохезија“, кое вклучува регулативи поврзани со планирањето и спроведувањето на кохезионата политика на Европската Унија и употребата на европските структурни и инвестициски фондови.
Пред експертите на Европската комисија од Дирекцијата за регионална и урбана политика, Дирекцијата за вработување, социјални работи и инклузија и од Дирекцијата за проширување, заменичката на главниот преговарач со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања (СЕП), Дрита Абдиу Халили рече дека нашите институциите знаат дека е важно сега да воспоставиме систем за управување со средства односно програми, за да обезбедиме ефективно, ефикасно и видливо користење на средствата од ЕУ за потребите на остварување на економскиот и социјалниот развој како држава членка на ЕУ.
„Почнувајќи со многу скромен капацитет, но со заложба од визионерите во неколку институции, низ годините се инвестираше во градењето на знаењата и вештините на структурите на ИПА, низ администрацијата. Денес имаме модерна администрација во речиси сите министерства кои секојдневно работат на имплементација на политиките на ЕУ и проектите на ЕУ. Во наредниот период сите наши национални напори ќе бидат посветени на нашето членство во Европската Унија. За овој предизвик, знаењето и капацитетот на сите обучени и квалификувани експерти и структури на ЕУ ќе се користат и ќе се прелеат на целата наша администрација“, рече Абдиу Халили.
Македонската делегација ја сочинуваат претставници на Секретаријатот за европски прашања, Министерствата за финансии, за економија, за локална самоуправа, за информатичко општество и администрација, за животна средина и просторно планирање, за труд и социјална политика, Државниот завод за ревизија, Ревизорско тело за ревизија на инструмент за претпристапна помош, Бирото за јавни набавки, Министерство за транспорт и врски, Државен завод за статистика, Центар за управување со кризи, Генерален секретаријат, Комисија за заштита на конкуренцијата и Државна комисија за спречување на корупцијата.
Утре продолжува билатералниот скрининг состанок за Поглавје 22, на кој ќе се презентира каков напредок имаме постигнато и што правиме за зајакнување на финансискиот менаџмент и административни капацитети, како и за резултатите од досегашната заложба за отвореност, видливост, транспарентност на македонските институции.
Република Северна Македонија има повеќе од 15 години искуство во спроведувањето на претпристапната помош на ЕУ. Почнувајќи од 2007 година кога беа воспоставени структурите на национално ниво и потоа во 2009/2010 година кога беше доделена акредитацијата на националните власти за управување со четири од пет компоненти на ИПА, Република Северна Македонија започна да ги спроведува правилата и регулативата на ЕУ во оваа област, информираат од Секретаријатот за европски прашања.