Новости
петок, 01 септември 2023 07:51
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ денеска во рамки на кампањата „Ние сме Европа“ оствари средба со младите од младинскиот совет на Општина Струмица, во европската куќа на која порача дека сега се води битката која ќе им овозможи на младите повеќе можности, да ги користат тие можности и да живеат европски.
-Нашите млади не се ништо помалку вредни или помалку образовани или помалку паметни од другите. И тоа треба да го искористиме. Наша е битката да им овозможиме повеќе можности да ги искористат тие можности и да живеат европски. Мислам дека тоа ни е обврска тоа ни е должност и всушност за тоа и се бориме. И со овие младински гаранции и со поттикнување на младинско вработување, е многу битно да се создаваат работните навики на младите, но и финансиската независност што порано во животот тоа е подобра и за личниот развој на младите луѓе, но и за развојот на семејствата и општеството. Така што во Владата и во нас ќе имате сојузник и поддршка за ова што вие се залагате, ние ќе ги отвораме можностите, а вие користете ги и да ја водиме државата напред, рече Маричиќ.
На средбата со членовите на Младинскиот совет вицепремиерот Маричиќ зборуваше за можностите кои се нудат за младите да останат дома, а се европски мерки, како и за младинската гаранција, посочувајќи дека е клучно секогаш да се имаат на ум и програмите Еразмус и програмите кои ги нуди агенцијата за европски програми и мобилност, затоа што како што кажа тој „мобилноста на младите во регионот и во државите членки во ЕУ ги градат мостовите помеѓу нашите млади и младите од Северна Македонија“.
Вицепремиерот пред почетокот на трибината „Ние сме Европа“ на тема „Македонски труд- европска социјална политика“ заедно со министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, оствари средба со младите од младинскиот совет на Општина Струмица, во кабинетот на градоначалникот Костадинов и заедно направија обиколка на новиот младински центар, кој се наоѓа во склоп на општината.