Новости
недела, 27 август 2023 08:29
„Даваме шанса на процесот на разговори и таа шанса ќе ја искористиме. Јас сум убеден дека ќе успееме, ние не можеме да сметаме на неуспехот како наша стратегија“, порача вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во дневникот на Сител.
Тој рече дека доколку сакаме брзо и ефикасно да ги решиме прашањата и предизвиците со кои се соочува нашиот систем но и граѓаните да ги почувствуваат придобивките од пристапните преговори и членството во ЕУ, потребно е да останеме во процесот и со поголема динамика да навлеземе во реформската агенда.
„Тоа не значи дека треба да се откажеме од придобивките на ЕУ, напротив мислам дека тоа треба да биде мотивација што поскоро да влеземе подлабоко на процесот на пристапување затоа што сите слабости ќе излезат во тој процес и ќе мораме да ги исправиме за да станеме членка во ЕУ, посочи Маричиќ додавајќи дека со нетрпение очекува да почне да се зборува повеќе за реформи, наместо најголемиот дел од времето да се зборува за Бугарија и за уставните измени, бидејќи како што рече Маричиќ „заслужуваат граѓаните да зборуваме за тие прашања и да се посветиме политички, институционално и секако на тие прашања, а тоа можно само ако ги тргнеме од дневен ред овие другите.“
Маричиќ кој оваа недела ја најави кампањата „Ние сме Европа“, објасни дека во комуникација со граѓаните сакаат да покажат дека има аргументи зошто треба да се поврземе во ЕУ и низ споредба со искуството на другите држави членки на ЕУ да се пренесе пораката зошто брзањето треба да биде нашата стратегија, а не чекањето.
„Клучната идеја на оваа кампања се да им се објаснат трите работи: Придобивките од членството во ЕУ, реформите и трансформацијата којашто ги донесе членството во ЕУ на целиот систем и трето дека нашиот јазик и идентитет се најдобро заштитени во ЕУ“, подвлече вицепремиерот Маричиќ во интервјуто на Сител.