Новости
понеделник, 03 јули 2023 04:14
Денеска во Брисел започна петдневниот билатерален скрининг за Поглавје 27 „Животна средина и климатски промени“, дел од Кластер 4 „Зелена Агенда и одржлива поврзаност“.
Состанокот беше отворен со воведното излагање на заменичката на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу Халили, која рече дека нѐ очекуваат комплексни реформи за кои како и до сега ќе имаме поддршка од ЕУ преку европските фондови, додавајќи дека вреди да се направат.
„Реформите од ова поглавје имаат најдиректни придобивки за сите граѓани, имајќи предвид дека политиката за животна средина на ЕУ има за цел да промовира одржлив развој и да ја заштити животната средина за сегашните и идните генерации“.
Збор зеде и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, која раководи со надлежното министерство за овој кластер, посочувајќи дека нашата држава е посветена на усогласувањето на националното со европското законодавство во најкомплексното Поглавје 27- Животна средина и климатски промени, за кое што е одговорно Министерството за животна средина и просторно планирање.
-Особен предизвик е неговата имплементација. Но, во изминатиов период преземавме сериозни чекори за подобрување на состојбите речиси во сите области, особено во делот на управување со отпад и управување со води. Очекувам, покрај размена на информации за постигнатото, заеднички да ги идентификуваме предизвиците по области, особено во оние што побаруваат високи инвестициски вложувања и да обезбедиме силна поддршка и од европските институции, но и внатре од државата, бидејќи само со широка инклузивност и посветеност можеме да ја постигнеме зацртаната цел“ порача министерската за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
Поглавје 27 - Животна средина и климатски промени е едно од најобенмните и важни поглавја, кое придонесува во заштита на животната средина, промовирање на одржлив развој како и борба против климатските промени.
Усогласувањето на законодавството како и имплементирањето на стадардите од ова поглавје ќе значи зачувување на природата, подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, привлекување инвестиции во зелени технологии и посветеност на глобалните цели на животната средина. Усогласувајќи ги политиките и стандардите со тие на ЕУ, Северна Македонија ја зајакнува својата позиција во преговорите со ЕУ придонесувајќи за одржлива иднина и еколошки чиста и здрава животна средина.
Државната делегација за ова поглавје ја сочинуваат претставници од неколку државни институции и тоа: Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за економија, Министерството за здравство, Државен инспекторат за животна средина, Агенција за храна и ветеринарство, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Агенција за катастар, Дирекција за заштита и спасување, Управа за хидрометеоролошки работи, Државна комисија за спречување на корупција како и Секретаријатот за европски прашања.
Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денес и официјално ќе го потпише пристапувањето на Северна Македонија во LIFE програмата, а во присуство на заменичката на главниот ореговарач со ЕУ, Абдиу-Халили.
Програмата LIFE е инструмент за финансирање на ЕУ за животната средина и климатските активности основан уште од 1992 година. Досега оваа програма кофинансирала повеќе од 5.500 проекти во ЕУ и пошироко и располага со 5,4 милијарди евра финансиски средства. Преку ова партнерство, јавните и приватните организации на Северна Македонија ќе можат да добијат финансиска поддршка за проекти и иновативи решенија за животна средина и климатски промени, како и пристапи и најдобри практики кои придонесуваат за климатски неутрална, циркуларна и отпорна економија, што ја штитат и зачувуваат природата.
Со завршување на скринингот за ова поглавје, преостанува само билатералниот скрининг за Поглавје 15 – Енергија, предвидено во втората половина на месец септември, со кое ќе се заокружи скринингот за Кластер 4 „Зелена Агенда и одржлива поврзаност“. Согласно предходно усогласената скрининг агенда со Европската Комисија до ноември 2023, преостануваат уште 2 кластери од вкупно 6, и тоа Кластер 5- Ресурси, земјоделство и кохезија и Кластер 6 – Надворешни односи.