Новости
недела, 21 мај 2023 09:30
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во дебатната емисија „Детектор“ рече дека одговорноста е на секој пратеник да одлучи дали е Северна Македонија да стани членка на ЕУ или да остане каде што е сега.
- Треба да бидеме искрени и реални дека немаме друга можност освен оваа, дали ќе продолжиме со Албанија, Србија и Црна Гора во пакетот којшто ќе го прават за Украина за влез во ЕУ или ќе останеме со државите коишто имаат вечни нерешени прашања како Босна и Херцеговина, Косово и дали ние ќе се придружиме на таа група, рече Маричиќ, изразувајќи уверување дека повеќето граѓани, пратеници, но и повеќето политички партии сакаат да бидеме во пакетот на држави за кои следно ќе се отвори вратата за нови членки на ЕУ, а тоа дека е можно само со успешни уставни измени.
Вицепремиерот Маричиќ предупреди дека „не треба повеќе да губиме време и дека уште 10 години чекање ќе значи уште 100 илјади бугарски пасоши“, и дека самите треба да избереме дали „ќе одиме по сценариото коешто го сакаат некои политички структури во Бугарија, кои не сакаат да успеат уставните измени за да можат да поставуваат нови барања и да условуваат, или „ќе ги направиме уставните измени и ќе ги придобиеме уште еднаш сите на наша страна, а Бугарите ќе ги изгубат сите аргументи“.
За анкетата поврзана со уставните измени, презентирана во „Детектор“, според која Македонците се против уставните измените, вицепремиерот Маричиќ вели дека тие податоци се „производ на долгогодишната политика на страв којашто е промовирана од опозицијата, од Левица или од ВМРО-ДПМНЕ, од дезинформации дека „ќе ни се одземе идентитетот, дека ќе имаме некаква бугаризација, дека јазикот ќе ни биде одземен и дека со ова се прави којзнае што“.
За него разбирлив е стравот кај граѓаните бидејќи е последица на долгогодишна кампања која ја води опозицијата, но и на непринципиелната политика која ја води Бугарија и долгото чекање пред вратите на ЕУ, повикувајќи ги политичарите на одговорноста која ја имаат да ги решаваат проблемите, затоа што како што вели Маричиќ во исто време граѓаните сакаат во ЕУ.
- Ова може да се промени, доколку сите работиме заедно и одговорно им ја претставиме вистинската слика на граѓаните, дека нема никаква опасност по нашиот идентитет. Така ќе ја смениме атмосферата и посамоуверено ќе влеземе во овој процес, додавајќи дека без разлика на падот на поддршката за ЕУ, преку 60% од граѓаните по сите анкети ја покажуваат ЕУ како единствена опција кон која треба да се движи државата. Нашиот пат кон ЕУ е зацртан, предодреден од овие услови, рече Маричиќ во „Детектор“.
Во емисијата вицепремиерот направи споредба со атмосферата за Преспанскиот договор, за која како што вели и тогаш имаше убедување од опозицијата дека „тоа ќе биде обезличување на Македонија, дека тоа ќе биде крај на нашиот идентитет и дека тоа значи продавање на државата“, но укажа дека денес ги гледаме придобивките и од безбедносен аспект и од аспект на партнерството кое го имаме со Грција, кој „е наш најголем поддржувач на европскиот пат“.
- Иако имаше и тогаш протести и заострена ситуација и тешка атмосфера во Собранието, на крајот еве четири години откако е усвоен Преспанскиот договор, од него гледаме само придобивки, само позитивни последици и членство во НАТО. Денеска Финска и Шведска бараат да бидат членки на НАТО, ние сме веќе таму, на сигурната страна на светот, во време на војна. Гледаме придобивки од пријателството со Грција, јас сум често во меѓународните форуми и можам да кажам дека Грција ни е најголем промотор и поддржувач и сега кога беше оваа ситуација во Советот на Европа со бугарската потпретседателка Грците беа тие коишто застанаа на наша страна, укажа Маричиќ.
Главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ, уште еднаш се спротивстави на тврдењата на Александар Николовски и укажа дека повторно преговарање за нова преговарачка рамка со ЕУ не е можно и дека истата не обврзува покрај испорачување на реформи да ги исполниме обврските кои произлегуваат од неа и дека тоа го кажаа јавно сите високи претставници кои ја посетија Северна Македонија изминатиот период и дека тоа им го кажале и во ВМРО-ДПМНЕ, „дека рамката којашто е договорена и усвоена на Меѓувладината конференција лани нема повеќе да се менува“.