Новости
среда, 10 мај 2023 01:44
Денеска во Брисел продолжуваат скрининг состаноците од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“, со Поглавје 19 „Социјална политика и вработување“. Состанокот со воведни излагања го отворија претставниците од Европската комисија и заменичката на главниот преговарач и државна секретарка на Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили.
Таа кажа дека Поглавјето 19 e комплексно и опфаќа неколку различни слоеви на општествениот систем кои се стремат кон постигнување на бројни социјални цели и систем на социјални права.
- Овие теми добиваат уште повеќе на важност во контекст на напорите за справување со последиците од бројните кризи и фокусирање на зелената и дигиталната транзиција. Впрочем овие напори неизбежно одат паралелно со градењето на праведни социјални општества, високи стандарди во работните услови, силна социјална заштита и инклузивност и системи на благосостојба, добро функционирање на пазарите на трудот и родовата еднаквост.“ – рече заменичката на главниот преговарач, Абдиу-Халили во нејзиното воведно обраќање.
Во македонската делегација го следи билатералниот скрининг состанок и министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, која пред Европската комисија посочи дека „еднаквите можности, пристапот до пазарот на труд, праведни услови за работа и инклузивноста се во сржта на националните политики и македонското законодавство“.
Министерката се осврна на областа „Вработување и социјална политика“ која е динамична област и во континуитет се врши усогласување со европското законодавство и практики.
„Подготвивме нов Закон за работните односи, со кој се унапредува правната рамка за заштита на правата на работниците. Законот ќе биде усогласен со европското право и меѓународните трудови стандарди. Овој закон се подготвуваше низ широк процес на учество и консултации на сите релевантни субјекти, вклучувајќи ги организациите на работодавци и синдикатите, судии, академската заедница и останати засегнати страни“, истакна Тренчевска.
Министерката зборуваше и за реформите во областа на социјалната вклученост и заштита, осврнувајќи се на социјалната помош, која е редизајнирана во Гарантирана минимална помош, со цел да се задоволат минималните егзистенцијални потреби за сите што немаат доволно средства за живот, како и за инвестициите во детската заштита и обезбедување на поголема пристапност во предучилишно воспитание.
Билатералниот скрининг за Поглавје 19 ќе продолжи и во следните два дена, во кои претставниците на македонските институции ќе ја презентираат домашната законодавна и стратешката рамка во оваа област, институционалните капацитети и идните планови за понатамошно усогласување со европските стандарди во областите на трудово право, безбедност и здравје на работа, политиките за вработување, вклучително и вработувањето на младите, социјална заштита и вклученост, антидискриминација и еднакви можности.
Според скрининг календарот од Кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“ остануваат уште три поглавја, Поглавјето 26, „Образование и култура“, Поглавје 20, „Претпријатија и индустриска политика“ и 29, „Царинска унија“, кои ќе завршат првата недела во месец јуни.