Новости
петок, 07 април 2023 08:16
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ денеска одржа прес-конференција со министерката за евроинтеграции во Владата на Република Србија, Тања Мишчевиќ на која изјави дека напредокот на регионот кон ЕУ е очигледен и дека европската перспектива на Северна Македонија и Србија како никогаш досега е достижна.
- Она што очекуваме од ЕУ е извесност и јасен план за проширувањето на Унијата, што ќе значи поттик за забрзување со процесите на трансформација на општествата. Покажавме дека сме кредибилен партнер на ЕУ и сме подготвени да одговориме на задачите, ред е Унијата да даде временска рамка и да го заврши обединувањето на стариот континент, рече Маричиќ.
Маричиќ смета дека „сега е идеален момент за забрзување на пристапниот процес, имајќи предвид дека годинава се одбележуваат 20 години од Самитот во Солун, кога на земјите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива, земајќи го предвид и новиот геополитички контекст“.
Српската министерка за евроинтеграции Мишчевиќ потсети дека како потписници на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, иницијативата Отворен Балкан, како дел од Берлинскиот процес, дека една од целите е посилно, подобро и поефикасно вклучување на заедничкиот пазар на Европската Унија.
- Најголемите придобивки од процесот треба да ни бидат достапни на сите нас како граѓани, односно на сите оние кои можат да користат прекугранична соработка, оние кои имаат потенцијал да се развиваат и тргуваат со Европската унија, оние кои се обидуваат да ја подобрат нивните капацитети, знаења и вештини, со цел да се одговори на новите предизвици на современиот свет, посочи Мишчевиќ.
Вицепремиерот Маричиќ ја зеде Иницијативата „Отворен Балкан“ како практичен пример за тоа како се функционира во ЕУ и како е да зборуваме за инфраструктурни проекти, да зборуваме за трговска размена, мобилност на нашите граѓани, за јакнење на економијата и создавање стабилна и поволна средина за инвестиции, порачувајќи дека „ова е тоа за што мораме да ги продолжиме преговорите со ЕУ и да работиме за конкретните економски бенефити кои ќе ги имаат нашите граѓани.
- Со добра волја, во духот на пријателството и меѓусебно почитување успешно го отворивме Балканот и регионот за соработка, олеснувајќи го функционирањето на граѓаните, по европски правила и принципи. Но, не само границите помеѓу земјите од Западен Балкан да ги отвораме, мораме што поскоро да ги отвориме нашите граници кон ЕУ, порача Маричиќ.
И Маричиќ и Мишчевиќ во своите обраќања истакнаа дека Владите на двете земји се посветени на исполнувањата на задачите и обврските кои ги имаат кон ЕУ и дека Северна Македонија и Србија ќе продолжат да бидат поддршка едни на други во обезбедувајќи сигурна, просперитетна и европска иднина на сегашните и идните генерации.
Денешната прес-конференција следуваше после потпишувањето на Меморандумот за соработка за прашања од областа на европската интеграција за кој вицепремиерот Маричиќ рече дека е уште една потврда за посебното значење на нашата соработка и натамошниот развој на севкупните билатерални односи, во исполнувањето на нашите стратешки цели.
- Со денешното потпишување на Меморандумот за соработка придонесуваме кон поуспешна подготовка и олеснување на процесот на пристапување во ЕУ. Искуствата и размената на знаење, информации, практики меѓу преговарачите, Групата на преговарачи, експертите вклучени во пристапните преговори, како и меѓу ресорните министерства и агенции во спроведувањето на политиките на ЕУ во сите Кластери, ќе ни биде важен придонес во ефикасното водење на процесот, додаде Маричиќ.
Во рамки на официјалната посета на српската делегација предводена од Мишчевиќ се одржа и работилница на која претставниците на двете институции, Секретаријатот за европски прашања и српското министерство за евроинтеграции, разменија искуства за досегашниот тек на преговорите и дефинираа кои се следните предизвици на кои ќе работат заедно.