ИПА 2007 - 2013
ИПА Компонента 2 – Компонента за прекугранична соработка – СВС
Основната цел на компонентата за прекугранична соработка, гледано од аспект на стекнувањето со одржливо знаење за користењето на ЕУ фондовите, е да ги подготви земјите-кориснички на ИПА за создавање на ефикасни заеднички Оперативни структури, кои ќе создадат критична маса на практично искуство во програмирањето и спроведувањето на заеднички прекугранични Оперативни Програми. Ова, од своја страна, е неопходен услов за подоцнежното ефективно и безбедно управување на претстојните, далеку пообемни и посеопфатни Структурните и Кохезиониот фонд на ЕУ, кои доаѓаат во т.н. post-accession фаза. Од аспект на придобивките на самите погранични региони (кои се и суштински предмет на самите активности во рамките на овие Програми за прекугранична соработка), примарна цел на оваа Компонента од Инструментот ИПА е да ја негува стабилноста, безбедноста и просперитетот, нарочно во пограничните, неретко маргинализирани региони на соседните држави-корисничјки. Ова претставува заеднички интерес на засегнатите земји, и, помеѓу другото, го охрабрува прекуграничниот хармоничен, избалансиран и одржлив развој.
Република Македонија учествува во четири ИПА Програми за прекугранична соработка: две Програми со земјите членки на ЕУ, соодветно, со Бугарија и со Грција (која претходно се одвиваше во рамките на Програмата КАРДС), и, соодветно, во две Програми со нејзините соседни земји–ИПА Кориснички, односно со Албанија и со Косово. Република Македонија исто така учествува и во Транснационалната Територијална програма за прекугранична соработка ‘Југоисточна Европа 2007-2013’, која има многу поширок територијален опфат, и е своевидно продолжение на програмата КАДСЕС.
ИПА Програма за прекугранична соработка Македонија - Бугарија
Специфични цели на оваа Програма се: забрзување на одржливиот економски развој во прекуграничниот регион, унапредување на социјалната кохезија, и развивање на привлечноста и квалитетот на живот во прекуграничната област. Заедничкиот технички секретаријат на Програмата е сместен во Ќустендил, а неговата подрачна канцеларија (т.н. Антена) е во Струмица. Во пограничниот регион учествуваат југоисточниот, североисточниот и источниот регион од страната на Македонија, и округот на Благоевград и Ќустендил од страната на Бугарија.
Во досегашниот тек на спроведување на Програмата, односно во трите Повици за проектни предлози објавени досега, финансирани се вкупно 53 добитни проекти, во вкупен износ на апсорбирани средства од околу 11,53 мил.Евра ЕУ средства на обете страни. За македонските партнери во овие 53 проекти, досега, доделени се вкупно околу 5,72 мил.Евра неповратни ЕУ средства, кои се сметаат за апсорбирани на национално ниво од оваа СВС Програма.
ИПА Програма за прекугранична соработка Македонија - Грција
Специфични цели на оваа Програма се: економски развој на пограничните региони; унапредување на инфраструктурата за туризам и транспорт, како и подобрувања на животната средина и активности од типот луѓе-кон-луѓе. Заедничкиот технички секретаријат е сместен во Солун, а неговата подрачна канцеларија е предвидено да биде отворена во Битола. Во пограничниот регион се вклучени пелагонискиот, вардарскиот, југоисточниот и југозападниот регион од страната на Македонија, и регионите на Лерин, Пела, Серес и Солун од страната на јужниот сосед.
Во досегашниот тек на спроведување на Програмата, односно во четирите Повици за проектни предлози кои беа објавени досега, беа финансирани вкупно 38 добитни проекти, во вкупен износ на апсорбирани средства од околу 16,2 мил.Евра ЕУ средства на обете страни. За македонските партнери во овие 38 проекти, досега, доделени се вкупно околу 5,07 мил.Евра неповратни ЕУ средства, кои се сметаат за апсорбирани на национално ниво од оваа СВС Програма.
ИПА Програма за прекугранична соработка Македонија - Албанија
Специфични цели на Програмата се: поттикнување на прекуграничниот економски, еколошки и социјален развој преку економски развој со акцент на унапредување на туризмот, одржлив развој на животната средина со акцент на заштитата, унапредувањето и управувањето на природните богатства и екосистеми и социјална кохезија, и културна размена преку активности од типот луѓе-кон-луѓе и институции-кон-институции. Заедничкиот технички секретаријат се наоѓа во Струга, а подрачната канцеларија е во Елбасан. Во пограничниот регион се вклучени пелагонискиот, југозападниот и полошкиот регион на македонска страна и регионите на Дибер, Корча и Елбасан на албанска страна.
Во досегашниот тек на спроведување на Програмата, односно во трите Повици за проектни предлози кои беа објавени досега, беа финансирани вкупно 41 добитен проект, во вкупен износ на апсорбирани средства од околу 3,64 мил.Евра ЕУ средства на обете страни. За партнерите од Македонија во овие 41 проект, досега, доделени се вкупно околу 3,47 мил.Евра неповратни ЕУ средства, кои се сметаат за апсорбирани на национално ниво од оваа СВС Програма.
ИПА Програма за прекугранична соработка Македонија – Косово
Специфични цели на Програмата се: да се унапредуваат добрососедските односи, да се негува стабилноста, безбедноста и просперитетноста, преку економски развој со акцент на одржлив развој на животната средина, заштитата, унапредувањето и управувањето на природните богатства и екосистеми, како и да се охрабри хармоничниот, врамнотежен и одржлив развој. Заедничкиот технички секретаријат се наоѓа во Куманово, а подрачната канцеларија е во Гјилане. Во пограничниот регион се вклучени североисточниот, скопскиот и полошкиот регион од македонска страна, и централниот, јужниот и источниот економски регион од косовска страна.
Со оглед на фактот што ова е најмлада Програма од сите СВС-Програми за прекугранична соработка во кои Република Македонија учествува, досега немаше Повици за проектни предлози. Се очекува Првиот ПзПП во рамките на оваа Програма да биде објавен кон крајот на третиот квартал од 2013 година.
Транснационална програма за Територијална прекугранична соработка ‘Југоисточна Европа 2007-2013’ - ЅЕЕ
Транснационалната програма ‘Југоисточна Европа 2007-2013’ - ЅЕЕ главно се фокусира на следните подрачја: иновации; животна средина; пристапност; одржлив урбан развој. Во рамките на глобалната цел на Програмата се развиваат транснационални партнерства за работи од стратегиска важност заради подобрување на процесот на територијалната, економската и социјалната интеграција во ЕУ, и да се придонесе кон кохезија, стабилност и конкурентност.
Во досегашниот тек на спроведување на Програмата, односно во четирите Повици за проектни предлози кои се досега објавени, во 18 од добитните проекти кои се финансирани од оваа Програма, имаат земено учество и проектни партнери од Република Македонија. За нивното учество, досега, доделени се вкупно околу 1,66 мил.Евра неповратни ЕУ средства, кои се сметаат за апсорбирани на национално ниво од Транснационалната програма ‘Југоисточна Европа 2007-2013’ – ЅЕЕ.
Во идниот Програмски период (2014-2020), планирано е оваа Програма да претрпи измени во однос на некои нејзини параметри, опфат и сфери на интервенции, и извесно е дека нејзиниот назив ќе биде променет за да ја рефлектира Јадранско-Јонската Макро-стратегија за регионална соработка.
Клучни документи
Транснационална програма за Територијална прекугранична соработка ‘Југоисточна Европа 2007-2013’ – ЅЕЕ